Лилард со историски 60 поени, никој никогаш претходно во НБА немал ваков ефект (Видео)

Демиен Лилард е кошаркар кој никогаш не бил во рангот на суперѕвездите како Леброн Џејмс, Стеф Кари, Кевин Дурант, Лука Дончиќ или Јанис Адетокумбо, но знае да блесне. Утрово, Портланд славеше над Јута со 134:124, а Лилард постигна точно 60 поени.

Ова му е веќе четврти меч во кариерата на кој Лилард постигнува 60+ поени, со што се израмни со Мајкл Џордан и Џејмс Харден, а пред него сега се само Коби Брајант, кој шестпати погодувал 60+ поени и недостижниот Вилт Чемберлејн, кој во кариерата дури на 32 натпревари има постигнато 60+ поени.

Лилард до 60 поени стигна со 21 погоден шут од 29 обиди. Постигна девет тројки од 15 обиди, а имаше погодено девет слободни од 10 шута. Тој е само четврти играч кој 60+ поени постигнал со шут од поле над 70 отсто. Освен на Вилт Чемберлејн, тоа им успевало и на Карл Мелоун во 1990 година и Дејвид Томпсон во 1978 година.

Сепак, податок по кој Лилард е единствен е бројот на шутеви кои му требаа да стигне до 60 поени. Тој упати само 29 шута, а досега на сите оние кои постигнувале 60+ поени, им биле потребни најмалку 40 шута кон противничкиот кош.

Со деветте погодени тројки, Лилард сега стигна до 2.292 погодени тројки, поминувајќи го Винс Картер на шестото место на вечната листа на погодени удари за три поени. Следен пред него е Кајл Корвер со 2.450 тројки, а лидер во оваа конкуренција е Стеф Кари со 3.278 тројки.

Резултати: Орландо – Индијана 126:120, Филаделфија – Бруклин 137:133, Њу Орлеанс – Минесота 102:111, Хјустон – Вашингтон 103:108, Милвоки – Денвер 107:99, Оклахома – Атланта 132:137, Годен Стејт – Мемфис 122:120, Портланд – Јута 134:124, Сакраменто – Торонто 95:113 и ЛА лејкерс – Сан Антонио 113:104.

- Оглас -

Најнови вести