Лилјаците ја прелетаа „Аноета“ и слетаа на врвот во Ла Лига (Видео)

Макси Гомес ја искористи одличната асистенција на шпанскиот репрезентативец Хосе Гаја во 75-тата минута, а популарните Лилјаци од Валенсија ја прелетаа легендарната „Аноета“, го победија Реал Сосиедад со 1:0 и стигнаа и до врвот во Ла Лига.

Тимот што летово продаде неколку свои ѕвезди од калибарот на Родриго, Парехо, Коклан… игра многу солидно и со четири одиграни е лидер на табелата во шпанското првенство.

Реал Сосиедад имаше иницијатива и многу поголем посед на топката, но победата им припадна на гостите, кои играат одлично на „Аноета“ во последно време.

Реал Сосиедад успеа да постигне гол во 95-тата минута, но беше поништен поради фаул по проверка со помош на ВАР-системот.

Ова е трета победа на Валенсија на последните четири гостувања во Сан Себастијан, а со триумфот вечерва Лилјаците стигнаа до 7 бода и се на врвот со меч повеќе од Бетис и Гранада, кои одиграа по три натпревари.

Реал Сосиедад го доживеа првиот пораз во новиот циклус на натпревари во Ла Лига и остана со пет бода.

 

- Оглас -

Најнови вести