Линекер е легенда: Го најави голот со кој Германија се спаси од елиминација

Најтрофејната европска репрезентација Германија беше само на неколку минути од елиминација во групната фаза на Европското првенство. Иако играа на свој терен во Минхен, Германците двапати беа во негатива во дуелот против Унгарија, што ќе значеше и нивна елиминација.

Сепак, Панцерите успеаја да погодат во 84-тата минута и да стигнат до посакуваните 2:2 за да го достигнат второто место во групата, што им донесе осминафинален дуел против Англија. За дуелот против Унгарија во текот на мечот со реакција се јави Гари Линекер, легендарниот англиски фудбалер, кој ја има дадено една од најпознатите фудбалски реченици.

„Фудбалот е едноставна игра во која учествуваат 22-ца фудбалери, а на крајот секогаш победуваат Германците“, уште одамна има изјавено Линекер, а синоќа тоа се потврди. Иако Германија беше во негатива од 1:2, на крајот успеа да стигне до осминафиналето.

Линекер како да го најави голот што го постигна Леон Горецка во 84-тата минута.

„Уште 10 минути до крајот и Германците да си останат дома. Но, како што знаете, Германците секогаш…..“, беше коментарот на Линекер во 80-тата минута од мечот. На крајот, Германија даде гол за нерешено, но тоа може да се смета за победа бидејќи беше доволно за пласман во осминафиналето.

Сега Линекер дополнително стравува од Германците затоа што неговата Англија ќе игра против Панцерите на „Вембли“, местото каде што во полуфиналето на ЕП 1996 година, Гордиот Албион доживеа еден од најболните порази од овој ривал.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести