Лисецот Гоче, инаетчиите и деветте јагниња

Наместо да анализираме и објаснуваме како поминало Ел Класико и што требало да направат едните или другите за подобар резултат, политиката го одложи дербито Барса – Реал, но тоа не значи дека во фудбалска Европа беше здодевно. Напротив, беше како од приказните, или поточно басните.

Еве вака: На еден далечен голем Остров, на јужната страна од Островот, чопор од 11 лисици начека село без кучиња, па изеде дури 9 јагниња. Жртвите беа беспомошни во тој 90-минутен масакр, а најгладни беа две лисици, кои изедоа по три јагниња.

Вакво уништување на „село“ од страна на гости, не беше видено повеќе од 130 години. „Јагнињата“ треба да се засрамат што без отпор дозволија да бидат уништени. Цел свет им се смееше, што ли може да им се случи ако Граѓаните или Црвените им запнат со цела сила, а насмеани и задоволни беа обложувачите кои типуваа дека ќе бидат изедени 7 или повеќе јагниња.

ИНТЕР ЌЕ БИДЕ ШАМПИОН АКО ГО ВРАТИ ПАНДЕВ ВО СВОИТЕ РЕДОВИ

Во една друга земја, која од големиот Остров е зад неколку планини и мориња, главни ликови во приказната беа големците кои се борат за тронот во таа земја и еден 36-годишен „лисец“ од Струмица. Сигурно ги пцуевте Старата дама или предизвикувачот, можеби и двајцата.

Старата дама, која е кралица на Чизмата, реши опуштено да се прошета во близина на Јадранското море, но наместо три, собра само една школка од брегот, па незадоволна се врати дома. Taa понуди подарок, но тој не беше прифатен.

Нејзиниот трон го демне еден лут ривал облечен со сино-црна облека. Овој кандидат за преземање на престолот требаше само да испие три млека за да стане рамноправен со „дамата“: Како за инает, испи само едно и остана втор. Навикнат е да биде во сенка, речиси една деценија никако да ја симне Старата дама од тронот.

Последен пат кога беше со круната на глава, „сино-црниот“ во своите редови имаше и едно момче од Струмица. Тоа момче како да не старее, 15 години по ред си наоѓа жртви во земјата со облик на чизма и ги тресе мрежите. Гоче и другар му Мота „смотаа“ уште една заедничка победа, како во 2010 година кога беа „сино-црни“. Мајсторот си е мајстор, годините не играат преголема улога. Таков квалитетен „лисец“ со победнички менталитет и суперлевица е добредојден во секој тим, па и во оној што сака да биде најдобар.

ПЕТЛИТЕ РАНО КУКУРИКАА, ГРАНАДА „ГРАНАТИРА“ ВО ШПАНИЈА

Тоа што немаше класично дерби во Шпанија, го отвори патот за малата Гранада да избие на прво место на табелата. Вчера во Ла Лига шест мечеви завршија со 0-1 гол, во стилот на втората француска лига. Од друга страна, вчера и завчера во италијанската Серија А секаде беше „гол-гол“, што не се гледа често.

Навивачите на Манчестер јунајтед се радуваа на победа против Норвич, но се нервираа кога Рашфорд и Марсијал утнаа пенали во првото полувреме, нешто што првпат им се случува во клупската историја во Премиер лигата. Лидер во Англија остана Ливерпул, кој со „два у кец“ го реши Тотенхем во реприза на финалето од ЛШ. Лондонските Петли беа ранобудни, дадоа гол по 50-тина секунди, но потоа заспаа.

Честитки и за Борусија Менхенгладбах, која е нов лидер во германскиот шампионат. Не е важно до кога ќе биде таму, да се биде пред Баерн и Борусија по девет кола, сепак е успех.

Заклучок е дека во топ лигите никогаш не е здодевно и оправдано секој викенд со задоволство се чека од обложувачите.

- Оглас -

Најнови вести