Литванскиот селектор верува дека ќе ја победат Македонија и со Димитријевиќ во составот

Македонската кошаркарска експедиција денеска отпатува за Литванија, каде што в недела вечерта ќе игра клучен меч од квалификациите за Евробаскетот 2025. Пораз на гостувањето во Клаипеда ќе значи и простување од шансите за настап на ЕП.

По синоќешниот пораз од Литванците во Скопје и победата на Естонија на гостувањето кај Полска, станува јасно дека Евробаскетот 2025 практично е невозможна мисија и само чудо може да ја однесе Македонија меѓу 24-те најдобри во Европа.

Голема новина за македонската репрезентација може да биде присуството на Ненад Димитријевиќ на гостувањето во Литванија. Со Нено, кој синоќа играше за Армани Милано на евролигашкиот меч со Макаби, Македонија ќе биде многу посилна, но литванскиот селектор Римас Куртинаитис верува во нова победа на неговиот тим.

„Се подготвувавме и за Димитријевиќ и без него, мислам дека е одличен креатор на играч, играч од врвно ниво, секако дека ќе ги засили. Но, нема да менуваме ништо, мислам дека сме способни да ги победиме Македонците и со него во тимот“, рече легендарниот Куртинаитис, кој со СССР освои олимписко злато на Олимписките игри во 1988, по што Американците решија да испратат „дрим-тим“ на наредните ОИ за да покажат дека тие се број 1 во светот на кошарката.

- Оглас -

Најнови вести