Ливерпул лани положи, годинава треба да матурира

Уште од самиот почеток на сезоната 2020/21 јасно беше дека ќе се случуваат многу изненадувања, а резултатите во англискиот шампионат многупати досега го потврдија тоа. Шоковите се појавија по фамозната победа на Лестер од 5-2 на гости кај Манчестер сити, па Астон вила од 7-2 над актуелниот првак Ливерпул, како и Тотенхем со декласирањето на Јунајтед од 6-1 на „Олд Трафорд“. Овие резултати беа доста нејасни, а потоа работите како да фатија нормален тек, барем во одредени случаи.

Таков случај е бранителот на титулата. Ливерпул ќе го дочека католичкиот Божиќ на врвот на табелата во Премиер лигата, што подразбира дека и по крајот на сезоната, треба да биде на истото место и да слави нова титула. Тоа е непишаното правило кое многу често се остварува, а токму актуелниот англиски првак во изминатите десетина години во три наврати од вкупно четири ситуации во кои беше, потфрли да го оправда.

Црвените лани го скршија мразот и положија како убедливи лидери во англискиот шампионат, па по двомесечната пауза, ја довршија работата и конечно таа титула која недостасуваше цели 30 години, ја освоија. Сега тимот на Јирген Клоп треба да матурира, а тоа ќе го стори доколку го одржи ритамот и биде константен за разлика од екипите кои се наметнуваат како конкуренти.

Кога ќе се погледат резултатите и актуелната состојба на табелата, не може да се издвои екипа која може да му попречи на Ливерпул во својата намера да ја одбрани титулата. Градскиот ривал Евертон тргна добро, меѓутоа составот на Анчелоти има свои маани и не толку победнички менталитет за да биде високо. Проба и Мурињо со неговиот Тотенхем, но во директната пресметка против шампионот, Петлите покажаа дека не се зрели за трофеи.

Челзи дефинитивно и оваа сезона е далеку од посакуваното ниво, и покрај тоа што Сините изминатото лето трошеа како „луди“ за засилување на екипата на Лампард. Подмладувањето на Гвардиола во Сити не вроди со многу плод, па и Граѓаните се надвор од конкуренција за титулата иако има уште многу да се игра, но ова е првичната слика и, секако, таа може да се смени за брзо време.

Црвените ѓаволи на Солскјер во меѓувреме даваат знаци на надеж и со секој нареден меч играат со многу самодоверба, а тоа носи резултати, исто и Лестер, но сепак видно е дека и нив им недостасува нешто за да бидат на нивото на Ливерпул.

Иако од првото до 11-тото место бодовната разлика е девет и со секое наредно коло екипи ги менуваат позициите, Црвените се константи, кои и покрај сите неповолности и повреди, цврсто го бранат тронот. Во сезона во која очекувавме, добивме и прогнозиравме доста изненадувања, дефинитивно држењето на Ливерпул е доста пријатно изненадување, со оглед на околностите и повредите со кои се соочи Клоп изминатиов период.

ПОТЕЖОК ПАТ ДО ДОБИТЕН ТИКЕТ

Како сезона полна со изненадувања, подразбира и потежок пат до добитен тикет. Не станува збор за изненадувања само во Англија, туку и во останатите познати лиги кои деноноќно се следат.

Ако ПСЖ порано беше една од „сигуриците“ на тикет, сега Светците го загубија тој статус и покажаа колку се ранливи. Тоа е добро за францускиот фудбал, со оглед на доминацијата на ПСЖ во изминативе години, која само еднаш успеа да ја прекине Монако во сезоната 2016/17. Тимот на Тухел, предводен од Нејмар и Мбапе, наиде на конкуренција која може да се победи само на терен, додека парите веќе не носат трофеи како претходно.

Исто така од Барселона се очекуваше многу повеќе со доаѓањето на Ронад Куман, но Каталонците како да не сменија многу по минатата катастрофална сезона. Меси и дружината одвреме-навреме знаат да се сопнат таму каде што не смее, па и да кинеме ливче поради тоа.

Зидан на почетокот ги местеше коцките и додека се чекаше да ги намести коцките, на обложувачите им го отежна патот до добитен тикет. Но, сега Кралот тргна да си го брани тронот, а се чини дека Атлетико нема да му го одземе на денот кога ќе се одредува нов владетел во Шпанија, па може да се каже дека се врати еден од посигурните клубови за редовно типување.

Во меѓувреме во Италија, Јуве до неодамна беше нестабилен, но како една од две екипи без пораз во топ 5 лигите во Европа, Бјанконерите се вратија во колосек и немаат намера да го отстапат врвот на миланските гиганти кои се жедни за успех. Милан и Интер дефинитивно ги покажаа намерите да ја прекинат доминацијата на Старата дама, од обложувачки аспект е добро што повеќе екипи да се издвојат за редовно типување.

Стара песна се пее во Германија, можеби само ритамот на нотите е успорен. Се лутевме кога Баерн киксираше со екипи како Унион Берлин и Вердер, но сѐ додека Левандовски е на „Алијанц арената“ и ги полни мрежите во Бундеслигата, Баварците редовно ќе бидат меѓу најтипуваните гиганти. Лајпциг се труди да биде конкурентен, додека Дортмунд потполно разочара, имајќи предвид каков потенцијал и талент поседува во младите ѕвезди како Халанд и Санчо.

Како и да е, изборот за обложување во Sport Life е огромен, па затоа нема да се потпирате само на најквалитетните првенства во Европа, а колку и да е тежок патот до добитен тикет, кога ќе се помине, наградата е послатка.

- Оглас -

Најнови вести