Ливерпул е поблиску до испаѓање од Премиер лигата отколку до ЛШ, сезоната за Клоп е брутална

Фудбалерите на Ливерпул вчера доживеаја пораз на „Енфилд“ од 1:2 од тимот на Лидс и продолжија со лошите игри во Премиер лигата.

За Ливерпул ова беше прв пораз сезонава пред своите гледачи и моментно се наоѓаат на деветтата позиција на табелата со 16 бода, колку што има и Кристал Палас.

Интересно е што Ливерпул од местата на табелата кои носат пласман во Лигата на шампионите е одалечен осум бода, додека од опасната зона на испаѓање го делат само пет бодови. Ливерпул во 12 одиграни натпревари во Премиер лигата има по четири порази, победи и ремија.

За менаџерот Јирген Клоп, сезоната е брутална поради згуснатиот распоред и големиот број на повредени играчи.

„Играме на секои три дена. Ова е брутална сезона за нас бидејќи имаме повредени фудбалер уште од првиот ден, а со некои играчи побрзавме да ги вратиме на теренот. Мораме да се избориме со оваа тешка ситуација и ќе успееме. Жалам што се наоѓаме во ваква ситуација, ќе работиме напорно за да најдеме решение. Мора да го погледнеме мечот со Лидс и да се обидеме да разбереме што се случи“, изјави Клоп.

- Оглас -

Најнови вести