Ливерпул на следниот меч ќе биде без двајца клучни Бразилци

Бразил ноќва од 2:30 часот ќе игра против Уругвај во меч од квалификациите за СП 2022 година, а во тимот се Фабињо и голманот Алисон Бекер. Овие двајца играчи се дел од Ливерпул, клуб кој в сабота од 13:30 часот ќе гостува кај Ватфорд во меч од Премиер лигата.

Тоа значи дека Фабињо и Алисон ќе имаат едвај 30 часа од завршување на едниот меч во Бразил до почеток на другиот натпревар во Англија.

„Мислам дека нема шанси да стигнеме за дуелот со Ватфорд. Ниту Алисон, ниту јас. Многу е кратко времето од дуелот со Уругвај до тој со Ватфорд. Ќе имаме и долг пат“, рече Фабињо, кој додаде дека двајцата фудбалери може да имаат и дополнителен проблем за влез во Велика Британија.

Според правилата во Велика Британија, сите оние кои во земјата влегуваат од држави како Бразил кои се на црвената корона-листа мора прво да бидат во 10-дневен карантин.

„Постои опција од Бразил да отпатуваме директно во Шпанија, па таму да ги чекаме останатите од тимот за дуелот против Атлетико на 19 октомври во Мадрид. Таму ќе бидеме како во изолација наместо да седиме во хотел во Англија“, открива Фабињо.

 

- Оглас -

Најнови вести