Лојалноста се исплати: Почна од петтата лига со еден клуб, а сега со истиот ќе игра во Премиер лигата

Фудбалерот на Лутон, Пели Радок Мпанзу, е подготвен да влезе во историјата на англискиот фудбал и тоа како прв играч кој бил дел од првите пет дивизии, и тоа со еден клуб.

Во 2013 година, Радок потпиша за Лутон додека овој клуб беше дел од петтата англиска лига (Лигата на конференции). Следната година со Лутон се избори за место во Лига 2 (четврта лига), а во 2018 година се пласира и во Лига 1 (трета лига на Англија). Само една сезона подоцна, Лутон стигна и до Чемпионшип, а сега за првпат во клупската историја ќе заигра и во Премиер лигата.

Во сите овие 10 години, Пели Радок беше дел од Лутон и му помогна на тимот да дојде до елитната лига. Летово истекуваше неговиот договор со Лутон, но доби продолжување на соработката, што секако е и еден вид награда за неговата лојалност.

Пели Радок е роден во Англија, но има два настапи за селекцијата на ДР Конго, од каде што потекнува неговото семејство. Тој има над 360 настапи во дресот на Лутон, а сега се очекува и конечно да дебитира во Премиер лигата, со што и ќе постави рекорд во англискиот фудбал.

- Оглас -

Најнови вести