Зошто кога Реал Мадрид брка резултат не влезе во игра новиот напаѓач Маријано Дијаз, и зошто од игра беа повлечени Модриќ и Бејл, а на тимот му требаа голови? Ова се прашањата кои беа упатени до тренерот Хулен Лопетеги после нерешените 1-1 на гостувањето кај Атлетик Билбао.
Можеби Лопетеги ја погоди замената на Модриќ со Иско, шпанскиот плејмејкер даде гол, и најави дека за него треба да има место во почетниот тим на средбата со Рома в среда. Но, од првото поголемо искушение, Реал со Лопетеги на клупата киксираше, и незадоволството е присутно.
„Сан Мамеш е тежок терен за играње, особено ако сте гостин. Мечот беше со висок интензитет, во второто полувреме бевме подобри, бевме посмирени и направивме повеќе шанси. Мислам дека Иско одигра добро, ги оправда очекувањата. За Реал Мадрид, нерешениот резултат не е добар, но и противникот беше добар. Маријано не влезе бидејќи мислев дека е подобро на местото на Бејл да влезе друго крило како Лукас Васкез, за да бидеме поопасни од страничните позиции“ – изјави Лопетеги по мечот.