Најдобриот фудбалер на Интер, Лаутаро Мартинес, останува во редовите на италијанскиот шампион до 2029 година откако денеска експресно на првата средба со челниците ја прифати понудата за продолжување на договорот.
Актуелниот договор на Аргентинецот со Нераѕурите трае до 2026 година, но управата на Интер не сака да препушти ништо на случајноста и да ја загуби првата ѕвезда, па се одлучи да му ја зголеми платата.
Според италијанските медиуми, Мартинес наместо досегашните шест милиони евра по сезона, со новиот договор ќе има плата од девет милиони, плус милионски бонуси.
За тоа колку е голема љубовта на Лаутаро кон Интер, најдобро покажува податокот дека агентите на напаѓачот барале годишна плата од 12 милиони евра, но се согласиле на девет милиони.
Со новиот договор, Мартинес ќе стане најплатен фудбалер во Серија А, што е сосема логично бидејќи сезонава беше прогласен за најдобар играч во лигата и беше најдобар стрелец со 24 постигнати гола.