Луда е статистиката: Реал и Барса имаат ист број победи во Ел Класико

Низ фудбалскиот свет има голем број на дерби мечеви, но еден е најголем. Кога играат Барселона и Реал Мадрид нема поважен меч во светот. Токму денеска е ред на 245-тото Ел Класико. Барселона е домаќин на актуелниот шпански првак на „Камп Ноу“.

Секое Ел Класико е со посебна важност, а специфичното за овој дуел е што ако има победик, тимот што ќе се радува, ќе поведе и во вкупниот број на триумфи во историјата. Засега, скорот е целосно израмнет. Двата тима имаат по 96 победи, додека 52 натпревари завршиле нерешено.

Капитените на двата тима, Лионел Меси и Серхио Рамос се и рекордери во најважните категории од Ел Класико. Меси е прв стрелец во историјата и досега има 26 погодоци во 43 натпревари против Реал Мадрид. Рамос е предводник по бројот на мечеви во Ел Класико и досега има 44 настапи против Барселона, што е рекорд. Капитенот на Реал е рекордер и во една неславна категорија, а тоа се петте црвени картони кои ги има добиено на дуелите со најголемиот ривал.

Голманот на Реал, Тибо Куртоа е полн со самодоверба пред Ел Класико. Белгискиот чувар на мрежата има низа од 244 минути без примен гол против Барселона. Рекордот на Ел Класико го има Виктор Валдес кој на голот на Барселона успеал да не прими гол од Реал на 386 минути.

Роналд Куман ќе дебитира како тренер на Ел Класико. Тој ќе биде петиот Холанѓанец тренер на Барселона што ќе биде предводник против Реал. Од претходните четири Холанѓани, само еден стартувал со победа на Ел Класико и тоа е Луи ван Хал во август 1997 година по победата во Суперкупот од 2:1. Јхан Кројф и Франк Рајкард во тренерското деби на Ел Класико започнале со порази, а Ринус Миклес во далечната 1971 година стартувал со реми 1:1.

 

 

- Оглас -

Најнови вести