Луда завршница: Далас го победи Лејкерс, иако губеше 4 разлика на 10 секунди до крај (Видео)

Лос Анџелес лејкерс и Далас маверикс го одиграа еден од најинтересните мечеви сезонава, а на крајот во „Стејплс центар“ се радуваа гостите. Далас победи со 111:110, благодарение на тројката на Макси Клебер со звукот на сирената за крај.

Двете најголеми ѕвезди кај двата тима, Леброн Џејмс и Лука Дончиќ не играа поради повреди, а тоа максимално го искористи Ирвинг кој одигра одличен меч за Далас. Ирвинг на крајот имаше 38 поени (60 отсто прецизност шут од поле), а погоди и пет тројки од девет обиди. Имаше и по шест скока и шест асистенции, а најважното додавање го имаше во последните секунди.

Далас губеше со 109:105 на 10 секунди до крајот, кога најпрво со три погодени слободни фрлања гостите намалија на 108:109. Во следниот напад, домаќините погодија едно слободно фрлање и стигнаа до 110:108, а во последниот напад за Далас, Ирвинг навлече дури тројца протовнички играчи, за потоа да додаде до осамениот Клебер, кој успеа да погоди тројка за победа со звукот на сирената и голема радост на гостите.

Кај Лејкерс најдобар беше Ентони Дејвис со 26 поени и 10 скока, но на крајот тоа не беше доволно за радост на домаќините.

Резултати на останатите мечеви одиграни ноќеска во НБА: Шарлот – Филаделфија 82:121, Атланта – Голден Стејт 127:119, Кливленд – Вашингтон 117:94, Чикаго – Минесота 139:131 (продолжение), Хјустон – Њу Орлеанс 114:112, Сан Антонио – Мемфис 120:126, Портланд – Бостон 112:126.

- Оглас -

Најнови вести