Луди пресврти во Бундеслигата – Борусија Менхенгладбах ги приземји орлите за пет минути

Најдобриот стрелец на Борусија Менхенгладбах, Ларс Штиндл, имаше гол-шоу на „Дојче Банк парк“ во Франкфурт и со хет-трик и два гола во последните моменти му донесе на тимот еден бод со реми 3:3 во возбудлив меч против Ајнтрахт Франкфурт.

Штиндл погоди во 90-тата и во 95-тата минута и сигурниот пораз на гостите го преточи во успех и еден бод. И претходно беше стрелец, го постигна првиот гол на мечот во 14-тата минута, а Ајнтрахт потоа прокоцка чиста победа.

И најдобриот стрелец на домаќините Андре Силва беше расположен за голови, постигна два за две минути во првото полувреме, а популарните Орли иако водеа со 3:1 по првото полувреме, не успеаја да ја прекинат серијата без победа, што сега изнесува 9 меча во Бундеслигата.

Баркок во 32-рата минута постигна и трет гол за Ајнтрахт, па се наѕираше првата победа на тимот од Франкфурт по пост од 8 кола во Бундеслигата.

Сепак, Штиндл беше незадржлив и со хет-трик беше најдобар поединец на мечот и најзаслужен за бодот што го освои учесникот во Лигата на шампионите.

Во истиот термин од 18.30 часот во Италија, Удинезе и Кротоне одиграа меч без голови. Илија Несторовски беше стартер за домаќините и играше до 65-тата минута, кога беше заменет со Делофеу.

 

 

- Оглас -

Најнови вести