Лудо: Возеа 225 км на час и се обиде да стисне кочница кај противникот (Видео)

Спортистите многу често не бираат начин како да стигнат до посакуваната цел, но тоа што го направи италијанскиот мотоциклист Романо Фенати се граничи со лудост. На трката за големата награда на Сан Марино, Фенати направи непромислен потег со којшто можеше да го загрози животот на неговиот сонародник Стефано Манци.
Двајцата мотоциклисти возеа еден до друг кога Фенати неочекувано ја испружи раката и стисна на кочницата на моторот на ривалот. Во тој момент тие возеа со брзина од 225 километри на час. Манци едвај успеа да го исконтролира моторот и не дозволи да падне, што можеше да има сериозни последици при пад на таа брзина.

https://youtu.be/cklpKVjEON4

Поради овој потег, Фенати беше дисквалификуван од трката, а подоцна беше казнет и со забрана за тркање на следните две трки. Италијанскиот возач дури е избркан и од тимот за кој се натпреваруваше. Од екипата на Маринели велат дека не им е потребен таков возач.
„Два круга пред инцидентот, имавме близок контакт, но тоа не е нешто што може да го оправда однесувањето на Фенати. Неговиот потег доволно кажува каков возач е“, рече Манци по трката.
Фенати од претходно е познат како „валкан“ возач, кој често имал инциденти со други мотоциклисти. Дури знаел и да тргне физички да се пресмета со дел од нив. Овојпат неговиот несовесен потег, за среќа, немаше посериозни последици, а тој ќе биде надвор од трките барем одредено време.

- Оглас -

Најнови вести