Луис Дијас даде два гола за победа против Бразил, татко му, кој беше спасен од киднаперите, падна во транс од среќа (Видео)

Колумбија на свој терен со 2:1 го победи Бразил во меч од квалификациите за пласман на Светското првенство 2026 година, а херој на мечот беше Луис Дијас. Фудбалерот на Ливерпул во последните неколку недели преживеа животна драма, која на крајот е со среќен крај.

Неодамна родителите на Дијас беа киднапирани. Неговата мајка веднаш беше ослободена, но татко му беше во заложништво речиси две недели, па на крајот сепак безбедно беше спасен и вратен дома.

Фудбалерот на Ливерпул на најдобар можен начин ѝ се одолжува на својата земја, а тоа го потврди и утрово, кога беше херојот во победата на Колумбија против Бразил. Кариоките водеа со 1:0 на полувреме, но во последните 15 минути Дијас постигна два гола и направи пресврт.

Најпрво во 75-тата минута тој погоди со глава за 1:1, а еден од оние коишто најмногу се радуваа беше токму неговиот татко, кој во дрес на националната селекција гледаше од трибините.

Само четири минути подоцна, нов делириум за домашните навивачи и повторно Дијас беше стрелец на голот за 2:1, што на крајот се покажа и како клучен за победа на Колумбија.

Интересно е дека постоеше можност Дијас воопшто да не игра на овој меч за да може да биде малку повеќе време со своето семејство, но тој реши да настапи и на крајот е херојот на Колумбија, а татко му буквално падна во транс од среќа.

- Оглас -

Најнови вести