Луис Хамилтон ќе го загрози рекордот на Михаел Шумахер?

Со титулата која ја освои годинава, Луис Хамилтон од Мерцедес дојде до својата петта светска титула во Формула 1 и се изедначи со Хуан Мануел Фанџо на второто место на вечната листа. Хамилтон првата титула ја освои пред десет години, во 2008, потоа за втората чекаше до 2010, а од 2014 наваму не беше првак само во 2016.

„Неверојатно е што се изедначив со Фанџо, човек кој се тркал во времето кога на црните луѓе не им беше дозволено да бидат во Формула 1. Да се родев тогаш, немаше да имам прилика да се тркам. Среќен сум што се родив и живеам во ова време“, изјави Хамилтон.

Најдобар е Михаел Шумахер со седум светски титули, но ако се знае дека момчето од Стивенејџ има 33 години, не се гледа крајот на неговата кариера, тој би можело да го стигне, па и да го надмине легендарниот Шуми. Договорот со Мерцедес му важи до 2020 година.

Со пет титули зад себе, 71 победа и 81 пол-позиција, Хамилтон веќе е меѓу најголемите во историјата на Ф1. Шумахер има 91 победа и седум титули, бројки кои не изгледаат недостижно, бидејќи Хамилтон почна да освојува трофеи и кога неговиот болид не е доминантен во однос на конкурентите како до лани.

- Оглас -

Најнови вести