Лука Дончиќ се повреди, Далас стравува дека ќе го загуби на подолг период (Видео)

Еден од главните кандидати за МВП на сезоната во НБА лигата, Лука Дончиќ, се повреди по само една и пол минута по стартот на мечот против Мајами. Ѕвездата на Далас, беше во продор кога незгодно згазна на ногата на еден од противничките играчи и го свитка зглобот.

Со болни гримаси, Дончиќ истрча од теренот и падна меѓу гледачите на трибината, а потоа замина и во соблекувалната. За среќа, првичните прегледи покажале дека нема скинати лигаменти, но сепак од Далас не очекуваат Дончиќ да игра на следните неколку меча.

Без Дончиќ на теренот, Далас веќе не беше фаворит на мечот и затоа загуби со 118:122 и тоа дури по продолжение од пет минути.

Неизвесно и со продолжение беше и мечот меѓу Сан Антонио и Феникс. На крајот Спарси победија со 121:119. И во регуларниот дел Сан Антонио беше поблиску до победата, но Феникс даде тројка за нерешено на две секунди до крајот.

Во останатите мечеви кои се играа: Торонто – Бруклин 110:102, Чикаго – ЛА Клиперс 109:106, Мемфис – Вашингтон 128:111, Милвоки – Кливленд 125:108, Денвер – Оклахома 110:102, Хјустон – Деторит 107:115.

- Оглас -

Најнови вести