Интер го победи Лацио со 3-1 во дербито и последен денешен меч од италијанската Серија А и со новите три бода, тимот од Милано се искачи на првото место на табелата, со еден бод предност во однос на градскиот ривал Милан, против кого треба да игра следниот викенд во градското дерби.
Ромелу Лукаку беше творец на триумфот на Интер, Белгиецот даде два гола и имаше една асистенција. Така Лукаку дојде до бројка од 300 гола во кариерата. Едниот гол му беше од пенал и сега Лукаку има десет гола од десет изведени пенали во Италија. Ниту еден друг играч нема ваква перфектна пеналџиска статистика во последните две сезони во Топ 5 лигите.
Голманот Самир Хандановиќ стана вториот странец по Хавиер Занети, со 500 настапи во Серија А. Аргентинецот Занети, кој е легенда на Интер, имаше 615 настапи и тој е рекордер меѓу странците. Словенецот Хандановиќ во италијанското првенство бранел за Интер, Удинезе, Тревизо и Лацио.
Интер на „Џузепе Меаца“ има осум победи по ред, а за Лацио ова е прв лигашки пораз во 2021 година.
Ова е голот на Лаутаро Мартинес, кому не му беше тешко да погоди по феноменалниот продор и асистенцијата на Лукаку:
https://twitter.com/i/status/1361063578866974726