Мадрид не е Буенос Аирес: Го украдовте аргентинскиот фудбал

Зошто толку лесно прифативте да се игра во Мадрид? Го украдовте аргентинскиот фудбал, пишува „Темпо Аргентино“, по одлуката Мадрид и Европа да бидат домаќини на реванш мечот од финалето во Копа Либертадорес меѓу Ривер плата и Бока јуниорс.

Навивачите на двата клуба ја признаваат вината за инцидентите, кои доведоа до одложување на реваншот, но сепак протестираат по одлуката на јужноамериканската конфедерација мечот да се игра во Мадрид.

„Ова е скандалозно. Го комерцијализираа фудбалот. Се е само за пари. Го уништија шармот на Суперкласико“, коментираат симпатизерите на социјалните мрежи.

Двете навивачки групи ќе добијат само по 5 илјади билети за реваншот во Мадрид на 9. декември, што исто така наиде на остра критика.

„Мадрид е град со најголема концентрација на Аргентинци, по самата Аргентина. Неутрален терен е, блиску е до латиноамериканскиот шарм и затоа се одлучивме за главниот шпански град“, изјави Аљхандро Домингес, првиот човек на јужноамериканската конфедерација.

Без разлика на реакциите во Аргентина, дефинитивно е дека реваншот ќе се игра во Мадрид на 9. декември од 20.30 часот.

- Оглас -

Најнови вести