Магичен натпревар на „Стемфорд бриџ“: Челзи со голови по 100-тата минута го победи Јунајтед! (Видео)

Екипата на Челзи конечно го сруши проклетството и речиси по седум години го победи Манчестер јунајтед во меч од Премиер лигата. Вечерашниов натпревар на „Стемфорд бриџ“ уште долго ќе се прераскажува бидејќи Челзи имаше водство од 2-0, па губеше со 2-3, па на крајот победи со 4-3, со голови во 100-тата и 101-вата минута.

Мечот започна како што посакуваа домашните навивачи. Конор Галагер уште во четвртата минута го донесе Челзи во водство од 1-0, а во 19-тата минута Кол Палмер од пенал зголеми на 2-0.

Алехандро Гарначо со својот прв гол на овој натпревар, во 34-тата минута намали на 2-1 и го најави пресвртот на Манчестер јунајтед.

Бруно Фернандес во 39-тата минута комплетно го врати Манчестер јунајтед во игра и израмни на 2-2.

Аргентинецот Гарначо во 67-мата минута прави комплетен пресврт и го носи Манчестер јунајтед во водство од 2-3.

Во 100-тата минута пенал за Челзи за израмнување, а прецизен реализатор повторно беше Кол Палмер, но следуваше нов шок за Црвените ѓаволи. Кога сите чекаа крај на мечот, Палмер со својот трет погодок на овој натпревар донесе голем пресврт и победа од 4-3 на Челзи против Манчестер јунајтед.

- Оглас -

Најнови вести