„Махерите“ од Франкфурт и брилијантниот Фреди Бобич ги зедоа на заем Јовиќ, Ребиќ, Костиќ.. сега вредат богатство

Раководството на Ајнтрахт Франкфурт повторно одигра брилијантно и ја искористи клаузулата во договорот на Филип Костиќ со Хамбургер – го откупи комплетно офанзивецот што игра одлично и со него потпиша договор до 2023 година.

Ова е трет таков случај во кус период од неполни две години, а претходно таа процедура ја минаа и Анте Ребиќ и Лука Јовиќ.

Ајнтрахт воведе одлична пракса да позајмува млади играчи со право да го откупи нивниот договор, а потоа, кога ќе блеснат во „црвено-црниот“ дрес на популарните орли, да потпишува долгорочни договори со нив.

Почнаа со Анте Ребиќ, кој пристигна во Ајнтрахт како позајмен играч од Фиорентина, продолжија со Лука Јовиќ, играч кој беше на привремен престој од Бенфика во Франкфурт, а за него потоа платија само 7,5 милиони евра. И сега речиси сигурна варијатнта е дека ќе му го продадат за 60 милиони евра на Реал Мадрид.

На ред дојде и Костиќ, еден од најдобрите играчи во Германија, кој за чудо не беше доволно добар за второлигашот Хамбургер, па ХСВ го испрати во Ајнтрахт како позајмен фудбалер.

Српскиот ас блескаше сезонава, постигна 6 гола и има 11 асистенции на 33 меча, а Ајнтрахт, пак, ги надигра сите, особено екипите од кои позајмува играчи. Во сите случаи потпишаа договори за позајмица со клаузула да имаат право да го откупат договорот за фудбалерите, и тоа за многу помали пари отколку што е нивната вредност во моментов.

Зад проектот стои легендата на германскиот фудбал Фреди Бобич, кој е спортски директор и влече брилијантни потези, кои му носат и квалитет и пари на Ајнтрахт.

„Среќни сме што ќе го имаме Филип во нашите редови на подолг период. Со неговата борбеност, динамична игра и олраунд-квалитети беше значаен дел од успешниот мозаик на Ајнтрахт сезонава“, вели Бобич.

 

- Оглас -

Најнови вести