Мај – месец кој треба да биде за будење на фудбалот

Дојде и мај, месец кој традиционално е познат како еден од највозбудливите во спортот. Ова е месец кога треба да е „најжешко“ на спортските борилишта, период во кој се дознаваат најдобрите клубови, кога се прогласуваат шампионите. Требаше да се играат финишот на сите европски првенства, да се води голема борба за трофејот во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа, да видиме дали Барселона ќе го одбрани тронот во Шпанија или Реал ќе успее да ја прекине доминацијата на каталонскиот гигант, дали Јувентус по деветти пат во низа ќе го освои Скудетото, дали ќе се најде јунак да го сопре Баерн во Германија…

Сепак, годинава не е така. Оваа 2020 година ќе се памти како година кога се промени спортот, и тоа поради „виша сила“. Речиси два месеци спортот во светски рамки мирува. Пандемијата од корона-вирусот го блокираше целокупниот начин на живеење во светот, па така и спортот замре.

ВРЕМЕ Е ДА РАСЦУТИ СПОРТОТ

Но, како да се гледа „крајот на црното во тунелот“. Мај е најавен како месец кога треба да најави „будење“ на фудбалот и спортот воопшто. Шпанија и Италија се двете најпогодени земји во Европа од опасниот вирус со најмногу заболени и најголем број починати. И покрај големите штети што ги направи корона-вирусот, овие две земји од денеска започнуваат со олабавување на мерките за безбедност.

Од спортски аспект, радосна вест е што од денеска е дозволено во Шпанија и Италија да започнат фудбалските клубови да тренираат на отворено. Точно дека тоа на почетокот нема да бидат класични тренинзи, туку тренинзи со максимум 10 луѓе на теренот, но и тоа е напредок ако се знае дека речиси два месеци терените беа целосно празни.

Покрај Шпанија и Италија, за продолжување на фудбалските возбудувања се и во Германија и Англија. Во Германија тренинзите на екипите се веќе започнати од минатата недела, а за 9 мај беше најавено продолжување на Бундеслигата. Сепак, тоа е стопирано и сега се очекува првенството да продолжи на 16 овој месец. Англичаните имаат многу комбинации за тоа како да се доиграат преостанатите 92 меча, а без разлика каде ќе се игра, најважно ќе биде да има борба на теренот и првенството да се комплетира.

ФРАНЦУЗИТЕ ПОТКЛЕКНАА ПРЕД ВИРУСОТ

Од Топ-5 лигите во Европа, Французите се предадоа и решија дека поради пандемијата, спортот треба да биде стопиран до септември. Тоа автоматски значеше дека и фудбалското првенство е стопирано, а Пари Сен Жермен како актуелен лидер беше прогласен за шампион.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, најави дека ќе се залага и неговите политички колеги во Шпанија, Италија, Англија и Германија да го следат приметот на Франција, но искрено се надеваме дека такво нешто нема да се случи и дека фудбалот на крајот ќе го победи вирусот.

Освен Франција, пред вирусот на фудбалски план потклекнаа и во Шкотска, Холандија, Белгија.., но добро е што е најавено продолжување на првенствата во Португалија, Полска, Словенија, Австрија, Швајцарија, Србија…

ДА ГО ПАМТИМЕ КАКО МЕСЕЦ КОГА ЌЕ КАПИТУЛИРА ВИРУСОТ, А СВЕТОТ ЌЕ ПРОДОЛЖИ НОРМАЛНО ДА ФУНКЦИОНИРА

Мај е месец во кој се слави победа над фашизмот. На 9 мај 1945 година била потпишана безусловна капитулација на нацистичка Германија и завршила Втората светска војна, по што животот во светски рамки продолжил со нормално темпо. Сега, 75 години подоцна се надеваме дека повторно токму во мај ќе се случи пресвртница и дека вирусот ќе капитулира, а спортот и светот воопшто ќе се вратат во нормални рамки.

- Оглас -

Најнови вести