Мајстори за пенали – Ристовски се радува на нов пехар во Лига купот

Стефан Ристовски се радува на вториот пехар како играч на Спортинг Лисабон, а популарните „лавови“ повторно покажаа дека се вистински мајстори за пенал рулети.

Како и лани, на истото место, на „Мунисипал“ во Брага, Спортинг и сега стаса до пехарот по подобро изведување на пеналите. Ристовски го одигра целиот меч, не шутираше во пенал серијата, а Спортинг славеше со вкупен резултат од 4:2.

Погодија Дост, Фернадес и Нани, промаши само Коатес, а кај Порто само Телес во првата серија беше прецизен. Потоа од белата точка промашуваа Милитао, Хернани и Фелипе, па Порто ќе почека барем уште една година за прв пехар во Лига купот.

Во регуларниот дел популарните „змаеви“ пропуштија голема шанса да го освојат трофејот, бидејќи со голот на Фернандо во 79. минута имаа предност од 1:0. Водеа се до 92. минута, кога голема глупост направи Оливер Торес. Направи фаул во својот шеснаесетник, а судијата Жоао Пињеиро по прегледување на спорниот момент досуди пенал за Спортинг.

Дост беше прецизен и израмни на 1:1, резултат со кој заврши мечот во регуларниот дел.

Спортинг го доби и полуфиналето со Брага на пенали, а и лани на патот до трофејот во двата главни дуели, во полуфиналето и во финалето победуваше со подобро изведување на удари од белата точка. За нив ова е втор пехар во Лига купот.

- Оглас -

Најнови вести