Мајсторот за титули од Лече има слатки маки и понуди

Антонио Конте се докажа како мајстор за титули и во играчката и во тренерската кариера, а по подвигот со Интер сезонава, кога е освоено Скудетото, на четири кола до крајот на Серија А има и многу понуди.

Италијанските медиуми веќе објавија дека за 51-годишниот стратег од Лече заинтересиран е Јувентус, клуб што сака да го врати Конте на кормилото откако токму тој ја прекина страшната доминација од девет шампионски сезони на Старата дама по ред.

Сепак, прв избор за Конте е да остане во Интер и да го продолжи проектот што во втората сезона како тренер на Нераѕурите им ја донесе и титулата во Италија.

Англиските медиуми денеска објавија дека за Конте е заинтересиран и Тотенхем, а ако Спарс успеат да ја остварат целта, тогаш тоа би значело камбек на Конте на Островот.

Тој беше тренер на Челзи од 2016 до 2018 година, токму пред да дојде во Интер, и успеа да освои една шампионска круна во Премиер лигата и пехарот во ФА купот.

Конте има договор со Интер до 2023 година со годишна плата од 13 милиони евра, како еден од најплатените тренери во Европа.

Тотенхем нема трофеј од 2008 година, кога беше победник во Лига купот на Англија, а последната од двете титули во англиското првенство му е од сезоната 1960/61.

 

- Оглас -

Најнови вести