Македонија фино ги отвори квалификациите и победи со девет разлика

Македонската ракометна репрезентација со лесна победа против Финска 33:24 (16:10) стартуваше во групната фаза од квалификациите за пласман на Европското првенство. Во празната арена во „Борис Трајковски“, Финска само во првите 10-тина минути успеа да парира. Гостите трипати имаа минимална предност, а последен пат во позитива во 14-тата минута, кога водеа со 5:4.

Од тој момент следуваше серија од 6:0 на Македонија и само за неколку минути нашата репрезентација стигна до предност од 10:5. На полувремето, Македонија водеше со 16:10, а потоа во вториот дел само рутински ги одработи останатите 30 минути.

Најголемата предност Македонија ја имаше во средината од второто полувреме, кога беше 24:14, а потоа следуваше опуштање, па Финска намали на 25:19. Пред крајот на дуелот, Македонија повторно поведе со 10 разлика, но гостите со погодок во последниот напад направија да си заминат со едноцифрена негатива.

Капитенот Кирил Лазаров беше најпрецизен со 11 голови, а потоа следуваа Кузмановски со шест гола и Пешевски и Маџовски, кои погодија по четири пати.

Следниот меч од квалификациите Македонија ќе го игра в сабота, на гости кај Швајцарија.

- Оглас -

Најнови вести