ПРОБЛЕМ ПРЕД КЛУЧНИОТ МЕЧ: Македонија и против Грузија ќе биде без Елиф Елмас!?

Уште осум дена остануваат до клучниот меч на македонската фудбалска репрезентација, а на повидок се првите можни проблеми. На 12 ноември Македонија ќе гостува кај Грузија, во финалето од плејофот за пласман на Европското првенство. Тој дуел треба да реши дали Грузија или Македонија ќе бидат дел од континенталниот собир кој ќе биде следното лето.

За в понеделник е закажан првиот собир на националниот тим и почетокот на мини подготовките на Македонија пред најважниот натпревар, а веќе на повидок се првите проблеми. Најавите се дека Елиф Елмас може да има проблеми околу добивањето дозвола за доаѓање на репрезентативната покана.

Елмас настапува за Наполи, клуб кој уште минатиот месец покажа екстремен став околу пуштањето на фудбалерите за настап во националните селекции. Во минатомесечниот термин за репрезентативни обврски, тимот од Неапол не дозволи ниту еден фудбалер да го напушти тимот. Елмас го пропушти полуфиналето од плејофот за пласман на ЕП против Косово поради тоа што беше позитивен на корона-вирусот, но факт е дека и оние кои беа негативни на опасниот вирус немаа дозвола за настап во репрезентациите.

Наполи направи скандал и во Серија А откако поради двајца заразени фудбалери, реши да не отпатува во Торино на дербито против Јувентус, а потоа го загуби тој натпревар со службени 3:0 и му беше одземен и еден бод од бодовното салдо.

Доколку претседателот на Наполи, Аурелио де Ларуентис не попушти со својот став дека фудбалерите нема да ги пушта на репреентативните собири, може да се случи Елмас да го пропушти и натпреварот кој треба да одлучи дали Македонија ќе испише историја и за првпат да се најде на едно големо натпреварување.

Пред мечот со Косово, Елмас од Неапол испрати порака со поддршка до сите репрезентативци и најави дека со нетрпение чека да заигра повторно за Македонија и заедно да се радуваат на пласман на Европското првенство.

Да се надеваме дека Елмас нема да треба да испраќа мотивирачка порака и пред дуелот со Грузија, туку дека на теренот заедно со соиграчите ќе се избори за Македонија да игра на континенталниот собир.

 

- Оглас -

Најнови вести