Македонија од следната сезона може повторно да има играч во НБА-лигата

Македонската кошаркарска надеж Ненад Димитријевиќ е пријавен на НБА-драфтот и може да стане вториот Македонец, по Перо Антиќ, што заиграл во најсилната лига на светот.

На листата којашто излезе денеска има повеќе од 40 европски кошаркари кои веруваат дека може да стигнат до влез во НБА-листата, а меѓу нив е и нашиот Димитријевиќ. НБА-драфтот ќе биде на 20 јуни во Бруклин, а ТУКА може да ја видите листата на сите играчи кои се пријавени да бидат дел од него.

Доколку успее да влезе, младиот Ненад ќе биде првиот Македонец кој тоа го направил преку драфтот. Досега на драфтот биле Владо Илиевски и Предраг Самарџиски, но се откажаа пред да започне избирањето кошаркари. Антиќ, кој играше две сезони во Атланта, замина директно од тимот на Олимпијакос.

Димитријевиќ уште од најмала возраст е до кошарката. Долги години беше дел од тимот на Јуниор, а потоа замина во Шпанија и со успех настапува за тимот на Хувентуд. Дали е можно од следната сезона да го гледаме во НБА-лигата, ќе знаеме најдоцна на 10 јуни, кога и ќе биде последниот рок за повлекување од изборот на кошаркари на драфот.

 

- Оглас -

Најнови вести