Македонија пред преполн стадион во Сараево сака да покаже дека со квалитет не заостанува зад БиХ, која ќе игра на Светското првенство

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20.30 часот) на преполниот стадион „Асим Ферхатовиќ Хасе“ ќе одигра пријателски натпревар против селекцијата на Босна и Херцеговина.

Ова ќе биде прв натпревар за нашиот национален тим на оваа мини-турнеја, со селекции кои се подготвуваа за настапот на Светското првенство кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада. Вториот меч е предвиден против Турција во Истанбул на 1 јуни.

Вечерашниот натпревар во главниот град на БиХ почнува во 20:30 часот, а фантастична атмосфера е загарантирана бидејќи билетите се целосно распродадени.

Најголемиот стадион во земјата, популарното „Кошево“ ќе прими околу 30.000 гледачи.

Ова ќе биде можност за селекторот Гоце Седлоски и неговиот стручен штаб на најдобар начин, во еден квалитетен натпревар, да видат во каква форма се македонските репрезентативци.

„Дојдовме овде да покажеме што знаеме. Нема пријателски натпревари, ќе играме максимално одговорно и со желба да покажеме добра игра и да оствариме позитивен резултат. Честитки за БиХ за пласманот на СП, но ние посакуваме триумф овде во Сараево. Ќе има одлична атмосфера и тоа ќе биде дополнителен мотив и за двете репрезентации“, изјави селекторот Гоце Седлоски.

- Оглас -

Најнови вести