Македонија си има победнички рецепт од Лигата на нациите

Македонија има победнички рецепт од Лигата на нациите и вечерва на „Филип Втори“ во Скопје ќе атакува со офанзивен пристап на триумф против Летонија.

Премиерниот меч во новиот квалификациски циклус ќе го играме од 20.45 часот, а прв гостин ни е летонската репрезентација.

Селекторот Игор Ангеловски практикуваше напаѓачки стил на игра и во квалификациите за СП 2018 и во премиерното издание на Лигата на нациите, па и вечерва, според најавите, нема да отстапи од таа тактика.

Со двајцата „Италијанци“ во нападот, Илија Несторовски и Горан Пандев, ќе го разбиваме бункерот што го најавија Летонците. Тандемот од Чизмата е во одлична форма, и Несторовски и Пандев беа стрелци на последните натпревари за Палермо и Џенова, а помош во нападот ќе имаат од крилата Александар Трајковски и Ферхан Хасани.

Двајцата одлични техничари ќе треба да го зголемат притисокот на бековите на Летонија и да ги „ранат“ со топки Пандев и особено Несторовски.

Средината на теренот ќе ја контролираат Енис Барди и веројатно Елиф Елмас. Играчот на Леванте е моторот на тимот, секогаш расположен за борба, со одлична техника, а со нетрпение ќе ги очекуваме неговите слободни удари по кои стана познат и во силната шпанска Ла Лига. Свежа крв во средниот ред би требало да донесе Елмас, нашиот најголем талент во моментов.

На бековските позиции имаме сличеч профил на играчи. Офанзивниот Езџан Алиоски игра во одлична форма во Лидс и има офанзивни карактеристики, што ќе му биде од голема помош на Хасани по левата страна. Од спротивната би требало да игра лавот на Спортинг Лисабон, Стефан Ристовски, кој исто така знае и да нападне, па Македонија ќе има многу офанзивни опции против Летонија.

Стоперскиот тандем Муслиу и Велковски се од златната генерација младинци што играа на историското ЕП за младинци во Полска пред две години.

Голот ќе го чува членот на шпанскиот прволигаш Рајо Валјекано, Столе Димитриевски.Имаме и одлични резерви во калибарот на Крсте Велковски, Дарко Чурлинов, Кире Маркоски, Бобан Николов, Кире Ристевски…. што потврдува дека сме големи фаворити против Летонија.

Со балтичката репрезентација игравме еден пријателски меч, во Скопје пред пет години, и победивме со 2-1. Летонците имаат нов селектор, кормилото од први март го презеде Славиша Стојановиќ, кој е добар стратег, но немаа добри резултати во циклусот натпревари во Лигата на нациите и останаа без победа на шест меча.

За нив ова е нов почеток и процес на создавање на сосема нова селекција, па истакнуваат дека Македонија е фаворит за победа. Летонците немаат познати имиња од калибарот на Марис Верпаковскис, Маријанс Пахарс, Александер Колинко, Игор Стрепановс…. сите дел од златната генерација на Летонците што играа на историското ЕП за нив во 2004 година во Португалија.

- Оглас -

Најнови вести