Македонија со победа над Израел ќе се пријави на Светското првенство

Македонската ракометна репрезентација го победи Израел со 38:37 (23:19) и со триумфална атмосфера ќе замине на Светското првенство кое започнува следната недела во Полска.

Добро започнаа нашите ракометари на дуелот во Хрватска, откако Манасков го отвори резултатот, а потоа Павле Атанасијевиќ и Пешевски погодија за зголемување на предноста на 3:1. По само неколку минути игра водевме и со 7:4, а прв пат предност од четири разлика имавме кога на семафорот стоеше 9:5 за Македонија.

Сигурната игра на нашите ракометари продолжи, па во еден момент пред крајот на првото полувреме стигнавме и до највисокото водство од седум разлика (19:12). Потоа следуваше мал пад во играта на нашите ракометари, што Израелците успешно го искористија, па на пауза по 30 минути игра, резултатот беше 23:19 за нашата селекција.

Второто полувреме беше многу поизрамнето, па разликата од четири голови беше задржана и по 50 минути игра, кога резултатот беше 34:30. Израел до крајот на дуелот успеа да ја намали негативата и загуби со еден разлика, што значи дека противникот, резултатски ги доби вторите 30 минути игра со три гола.

Дејан Манасков со 11 голови беше најефикасен кај Македонија, а одличен беше и Кузмановски со шест гола. Во листата на стрелци за Македонија против Израел се запишаа и Георгиевски 4, Јагуриновски 4, Пешевски 3, Младеновиќ 2, Петров 2, Серафимов 2, Павле Атанасијевиќ 1, Томовски 1, Костески 1, Стојковиќ 1 гол.

Во подготвителниот период за СП, Македонија одигра вкупно четири контролни дуели и е со биланс од две победи и два порази. Прво ја победивме Црна Гора со 38:33, а потоа загубивме од истиот ривал со 30:31. Следуваше поразот од Хрватска со 40:34, а вечерва затворивме со победа над Израел.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести