Сите кои следат ракомет слушнале за клубот Татран Прешов, па затоа изненадувачки делува податокот дека репрезентацијата на Словачка досега никогаш не играла како домаќин во салата во Прешов, и решија сефтето да им биде токму против Македонија во првиот меч од баражот за Светско првенство.

Македонија е фаворит и на првиот дуел кој се игра утревечер во Прешов, но тоа ќе треба да го потврди и на терен. Нашите денеска пристигнаа во Прешов и вечерва тренираа во салата во која ќе се игра натпреварот.
„Никогаш не сме играле против Словачка, голема непознаница се за нас. Мислам дека се спремивме доволно добро. Очекувам добар натпревар од наша страна. Големите натпреварувања кои ги имаме позади нас, ни даваат право да очекуваме позитивен резултат. Ништо нема да биде решено тука, без разлика на резултатот, ова ќе биде само едно полувреме во двомечот. Треба да го дадеме максимумот и да извлечеме добар резултат“, порача голманот Никола Митревски.

