Ново во финале за МЗТ, за седум минути го „згаснаа“ Пелистер

МЗТ Скопје Аеродром и Маџари ќе играат во финалето на плејофот во македонската елитна кошарка. Металците ќе се обидат да ја освојат 13-тата титула, додека Маџари кој лани влезе во прва лига, ќе проба да ја направи најголемата сензација во историјата на мак-баскетот и првпат да се закити со шампионска титула.

Штрковите од Аеродром ја добија мајсторката против Пелистер со убедливи 87-58, а на полувреме беше нерешено што оваа победа ја прави неверојатна. Битолчани во првите седум и пол минути од третата четвртина постигнаа само 3, а примија 26 поени, и тука спласнаа нивните мотиви и амбиција дека може да победат.

Марин Петков беше „икс факторот“ на МЗТ. Бекот со 23 поени беше прв стрелец, а 15 од тие 23 поени уфрли во клучната трета четвртина. Тој имаше и седум асистенции. Танасковиќ даде 20 поени, а Меккејден имаше дабл-дабл од 14 поени и 12 скока.

Со само 21 постигнат поен во целото второ полувреме, Пелистер немаше шанса и за тимот ова е последен меч сезонава.

- Оглас -

Најнови вести