Македонија У21 остана без петмина фудбалери за дуелот со Црна Гора

Младата фудбалска репрезентација на Македонија за играчи до 21 година е со големи проблеми пред одигрување на последниот дуел од квалификациите за пласман на Европското првенство. На 17 ноември, нашите фудбалски надежи ќе бидат домаќини на Црна Гора, а селекторот Благоја Милевски нема да може да смета на петмина стандардни играчи.

„Димитар Митровски, Ердон Даци, Давид Тошевски, Бојан Илиевски и Љавдрим Фазлиу се фудбалерите кои ќе недостасуваат против Црна Гора. Принудени сме на големи промени, повикавме нови фудбалери и ќе направиме се што е во наша можност да одиграме квалитетно на последниот натпревар. Иако, промените се принудни и дојдоа на некој начин шокантно за сите нас, сепак, ние сме репрезентација која е подготвена да се носи со сите работи. Посакувам здравје, во овој момент тоа е најважно. Јас можам да ветам дека и со овие фудбалери ќе одиграме максимално, а ќе видиме што тоа ќе донесе на резултатски план“, изјави селекторот Милевски.

По девет одиграни кола, Македонија е на второто место во групата со 15 бодови, додека Црна Гора освои само седум бода досега. На дуелот одигран минатата година во Подгорица, Македонија победи со 2:1, а сега со евентуален нов триумф ќе го потврди второто место во квалификациите.

Сепак, победа над Црна Гора нема да донесе пласман на младинците на ЕП, затоа што моментно се најслаборангирани второпласирани селекции од сите девет групи.

- Оглас -

Најнови вести