Македонија во Плоешти оди на победа и враќање во европската елита

Одиме на победа, без никакво калкулирање со некаков пораз до 13 поени разлика е заедничкиот став на кошаркарите и стручниот штаб од македонскиот национален тим пред денешното гостување кај Романија од 17 часот (пренос на МРТ).

Во градот Плоешти, Македонија гостува кај Романците со надеж дека ќе победи во последниот натпревар од втората фаза во претквалификациите за Евробаскетот 2021. И пораз помал од 14 поени разлика ја носи Македонија во квалификациите, меѓу 32-те најдобри во Европа.

Утрово во Романија пристигнаа и селекторот Јорданчо Давитков, кој мораше ден порано да замине од Скопје во Кувајт поради клупски обврски, како и натурализираниот Ричард Хендрикс, кој поради невреме во САД го пропушти летот предвиден за да стигне во Скопје, па дојде директно во Романија.

Комплетираниот состав нема дилеми како ќе му пристапи на клучниот натпревар во оваа фаза.

„Дојдовме да победиме, а не за да го браниме резултатот, бидејќи резултат тешко се брани. Ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да победиме. Доволно добро го знаеме составот на Романија и мислам дека нема многу простор за изненадување. Важно е играчите да се одморени и да бидат сконцентрирани, секој со својата улога вечерва. Се надевам дека ќе успееме сите да го надминеме заморот од патувањата и дека ќе успееме да дојдеме до победа. Стајиќ и Магдевски со помошта од Караџовски ќе ја преземат одговорноста на позицијата еден на која долги години беше Костоски. Тој одлучи дека не може повеќе да игра од свои лични причини, кои јас ги почитувам бидејќи секогаш одговарал на мојот повик за настап за репрезентација“, истакна селекторот Давитков.

Хендрикс играше и во Скопје против Романија, знае со какви играчи располага противникот.

„Ќе биде интересен натпревар, кој истовремено е исклучително важен за нас. Романците имаат талентирани играчи. Ние ја завршивме работата на наш терен, но ќе биде многу потешко тука на гости. Чекор по чекор мислам дека ќе успееме да стигнеме до нашата цел. Мораме да играме избалансирано – и под кошевите и по надворешните линии, а и со добра одбрана тимот не може да погреши“, вели Хендрикс.

Доколку се случи најлошото сценарио, пораз над 14 разлика, тогаш ќе чекаме пораз на Романците на гостувањето кај Косово. Ако и тоа не се случи, во август Македонија ќе треба да игра уште една тура претквалификации како последна шанса.

- Оглас -

Најнови вести