Македонија загуби и сега е чекор подалеку од Светското првенство

Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби во „Борис Трајковски“ од Украина со 22:24 (8:14), во првата средба од бараж двомечот против Украина за пласман на Светското првенство кое при крајот на годината ќе се игра во Данска, Норвешка и Шведска. Реваншот се игра в вторник на неутрален терен, но ќе биде многу тешко да се надополни негативата која ја стекнавме на свој терен.

Уште од самиот старт Украинките покажаа дека се дојдени да победат. По првите 5 минути гостинките водеа со 3:0. Во првите 12 минути, Македонија имаше дури три исклучувања, па таа предност ја искористи противникот и украина водеше со убедливи 8:2.

Во 25 минута беше 13:5 за Украина, а од тој момент започна најдобриот период на Македонија. До 43 минута, со серија од 11:3, Македонија прв пат израмни на 16:16, но потоа како да снемаа сили домашните ракометарки.

Украина со нова серија од 3:0 стигна до 19:16. Македонија бркаше негатива, а во 55 минута беше на еден гол негатива. Во овој период промашивме и два пенали, па поразот беше неизбежен.

Сара Ристовска со 8 погодоци, беше најефикасна кај Македонија, а Јаневска додаде три гола, додека голманката Мицевска имаше четири одбрани. Женската ракометна репрезентација на Македонија веќе 13 години чека да е дел од еден Мундијал, но тешко дека ќе биде тоа СП 2023.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести