Македонскиот Док Холидеј – Адеми дојде тивко и стана легенда на Динамо со најмногу трофеи

Аријан Адеми е омилен каде и да настапува, а кроткиот играч од средниот ред со новата титула во хрватското првенство е најтрофејниот фудбалер во клупската историја на Динамо Загреб.

Пристигна тивко во редовите на најтрофејниот клуб во Хрватска, во стилот на популарниот лик од романите Док Холидеј и веќе е легенда со вкупно 17 трофеи, на врвот пред плејада големи фудбалски имиња што го носеле дресот со сините бои на Динамо.

Бројот на пехари сигурно ќе беше поголем ако не беше двегодишната пауза поради наводен допинг, случај кој беше затворен со признание дека Аријан не бил виновен, но времето од 24 месеци го мина надвор од фудбалските терени.

„Можеби требаше да има и повеќе трофеи, но и вака е фантастично. Кога ќе погледнете какви легенди го носеле дресот на Динамо, изгледа како сон да си најтрофеен играч на клубот. Кој би помислил дека ќе бидам број 1 во таква конкуренција“, вели Адеми.

Во јуни 2010 година пристигна од Шибеник во Динамо за сума од 400 илјади евра и сè потоа е една фантастична фудбалска приказна.

За актуелниот првак на Хрватска одигра 259 натпревари, постигна 25 гола и ефектот е и 9 шампионски круни во ХНЛ, пет пехари во Купот и три во Суперкупот на Хрватска.

Во десетте години што ги мина во Динамо Загреб, само краток период во сезоната 2011/12 играше како позајмен играч за Локомотива од Загреб.

 

- Оглас -

Најнови вести