Македонскиот фудбал е на дното на Европа: Во 12 меча, само една победа!

Шкендија и Шкупи по вторпат добија лекција од Рига и Санта Клара и ги завршија настапите во Конференциската лига на УЕФА, па Македонија остана без ниту еден претставник во Европа, а уште не е дојден ни август.

Шампионот Шкендија, кој делуваше моќно во домашното првенство и лесно стигна до титулата, на европската сцена се посрамоти. Тетовци одиграа четири меча и четирипати загубија. Двапати беа поразени во квалификациите за ЛШ, а двапати во Конференциската лига. Тоа што е поголема брука е дека во повеќе од 360 минути игра, Шкендија не успеа да даде ниту еден гол, а прими дури девет погодоци.

Шкупи, кој немаше шанса со Санта Клара и во двомечот загуби со вкупни 5:0, може да се пофали дека е единствениот наш тим кој летово победи во Европа. Чаирчани се радуваа против косовскиот ривал Љапи со 2:0, а потоа еднаш одигра и нерешено.

Силекс, кој сега е второлигаш, еднаш ремиира и еднаш загуби минимално, па кратовци може да се пофалат дека примија најмалку голови од сите наши претставници. Струга Трим Лум се посрамоти против Лиепаја од Летонија, кога дома загуби со 1:4.

Вкупно македонските претставници ова лето одиграа 12 меча во европските купови, а билансот им е само една победа, три нерешени и дури осум порази. Ако се гледа гол разликата во 12 меча, нашите претставници дадоа само шест гола, а примија дури 22 погодоци.

Колку за споредба, сите четири српски претставници успешно ги поминаа сите свои ривали досега, па Црвена ѕвезда продолжува во квалификациите за Лигата на шампиони, а Партизан, Војводина и Чукарички се дел од Конференциската лига на УЕФА.

БИЛАНСОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕКИПИ ВО ЕВРОПА ОВА ЛЕТО

Шкупи – Љапи 2:0

Љапи – Шкупи 1:1

Шкупи – Санта Клара 0:3

Санта Клара – Шкупи 2:0

Шкендија – Мура 0:1

Мура – Шкендија 5:0

Рига Шкендија 2:0

Шкендија – Рига 0:1

Силекс – Петроклуб 1:1

Петроклуб – Силекс 1:0

Лиепаја – Струга 1:1

Струга – Лиепаја 1:4

 

- Оглас -

Најнови вести