Фудбалскиот национален тим на Австрија откако имаше еден ден одмор и играчите беа со своите семејства, отпатува на мини-подготовки во Мозерн, во близина на Зефелд. Во авионот кој слета на аеродромот во Инсбрук беа и главните ѕвезди Марко Арнаутовиќ и Давид Алаба.
Австријците в сабота претпладне планираат да заминат за Букурешт, каде што в недела играат со Македонија и нема да бидат толку аклиматизирани во Романија како нашите фудбалери кои од вчера се таму. И украинската селекција од вчера е во Букурешт, иако Украинците во првото коло треба да играат во Амстердам.
Селекцијата на Австрија ќе тренира во познатиот ски-центар Инсбрук, но тоа ќе бидат затворени тренинзи за јавноста. Селекторот Франко Фода ги крие тренинзите, но кажа на што ќе посветат внимание.
„Македонија ќе игра компактно во систем 5-3-2, агресивно на топка, а потоа чекаат. Не смееме да си дозволиме големи грешки, одбраната мора да ни биде сигурна“, рече Фода.