Манчестер ј. со вакво заостанување зад шампионот испаѓал од лига

Најтрофејниот англиски клуб Манчестер јунајтед на очаен начин ја заврши сезоната. Пред своите навивачи на „Олд Трафорд“ загуби од Кардиф со 0-2, тим кој веќе беше испаднат од Премиер лигата. Срамниот пораз дефинитивно ги заболе навивачите, кои со свирежи и негодувања ги испратија играчите. Пол Погба дојде до трибината кај фановите и им се извини.

На крајот, табелата покажува дека Јунајтед освои вкупно 66 бодови, што е дури 32 помалку од шампионот Сити. И со вакво заостанување, „црвените ѓаволи“ ќе играат во Лигата на Европа. Фактите говорат дека во Јунајтед може да бидат и презадоволни бидејќи кога во сезоната 1973/74 заостанаа 30 бода зад шампионот, Манчестер испадна од лигата. Овојпат не само што не се испаднати, туку ќе играат во Лигата на Европа.

Тренерот Оле Гунар Солскјер вели дека оваа екипа е далеку од тоа да размислува за титула во следните сезони.

„Долг е патот за тоа до каде сакаме да стигнеме. Ќе треба подолго време за да се вратиме на врвот. Завршивме неколку бодови зад третиот, четвртиот и петиот на табелата, па сега тоа треба да биде наша следна цел. Првите две екипи поставија стандарди многу повисоки од тоа што беше во претходните сезони. Ние мора да одиме чекор по чекор“, рече Солскјер, кој неодамна доби тригодишен договор со Манчестер јунајтед.

- Оглас -

Најнови вести