Манчестер јунајтед не може да даде гол, но реди рекорди

Манчестер јуанјтед вторпат само во четири дена одигра меч без голови. По ремито 0:0 кај Челзи, Црвените ѓаволи синоќа одиграа со најнепопуларниот резултат и кај Кристал палас. Ова беше четврто реми во последните пет кола за гигантот од „Олд Трафорд“, кој е на второто место во Премиер лигата, но дури со 14 бода помалку од лидерот Манчестер сити.

За Манчестер јунајтед ова е шести пат сезонава да одиграат 0:0, со што го израмнија клупскиот рекорд по бројот на средби одиграни без погодоци во една сезона. Ист биланс имале во сезоните 2004/05 и 2016/17, но сезонава треба да одиграат уште 11 дуели, па може да очекуваме уште некој меч без голови.

Дури 30 години Манчестер нема пораз на теренот на Кристал палас, но синоќа освоениот бод не е посакуваниот исход за фаворитот. Тимот на Оле Гунар Солскјер останува единствен тим во Премиер лигата што сезонава нема пораз на гости. Ова беше 14-ти меч сезонава на туѓ терен, а билансот на Манчестер е осум победи и шест нерешени.

Низ историјата на англиското елитно натпреварување, само четири пати претходно се случило во сезона да има тим кој немал пораз на првите 14 гостувања. Тоа им успеало на Лидс во сезоната 1973/94, на Ливерпул во 1987/88 и на Арсенал двапати во сезоните 2001/02 и 2003/04.

Покрај овие 14 меча без пораз на гости, Манчестер немаше загубено и на последните седум гостувања од минатата сезона, па вкупно имаат 21 натпревар во Премиер лигата без пораз на туѓ терен. Со тоа го израмнија рекордот на Ливерпул, кој имаше наредено 21 дуел без пораз. Апсолутниот рекорд во Англија е во сопственост на Арсенал. Топчиите имаа неверојатна низа од 27 средби без пораз на гости.

Во следното коло Манчестер јунајтед ќе гостува кај градскиот ривал Манчестер сити, кој е како „машина за победување“. Граѓаните имаат 21 победа по ред во сите натпреварувања и ќе биде интересно да се види чија серија ќе биде прекината.

 

- Оглас -

Најнови вести