Манчестер јунајтед сака сезоната да се доигра, а така и Ливерпул да стане првак

Манчестер јунајтед е еден од клубовите кои сакаат да се доигра оваа сезона во Премиер лигата. Челниците на Црвените ѓаволи изразија поддршка до раководните органи во англискиот фудбал, да се најде начин како да се заврши актуелната сезона, која ненадејно беше прекината поради пандемијата од Коронавирусот.

Ако успее да се доигра сезоната во Премиер лигата, тоа ќе значи дека Ливерпул по пауза од 30 години ќе ја освои титулата , што секако нема да биде во корист на Манчестер јунајтед, ако се знае дека тоа се двата најголеми ривали. Гигантот од „Олд Трафорд“ е рекордер со 20 титули, а Ливерпул веќе три децении е заглавен на 18 трофеи во првенството.

„Клубот ја поддржува идејата првенството да се комплетира, дури тоа да биде и на стадиони пред празни трибини“, децидни се од Манчестер јунајтед.

Засега првите луѓе на англискиот фудбал донесоа одлука според која до 30 април сигурно нема да се игра фудбал, а што ќе биде понатаму ќе се одлучи во зависност од тековната ситуација со пандемијата. Доколку биде одлучено сезоната да не се доигра, Ливерпул ќе остане без титулата која практично ја има во своите раце.

- Оглас -

Најнови вести