Манчестер сити делува како фаворит за потписот на играчот за врска на Нотингам форест, Елиот Андерсон, а и самиот фудбалер преферира кариерата да ја продолжи кај Граѓаните, наместо кај градскиот ривал Манчестер јунајтед.
Според информациите на „Би-би-си“, Манчестер сити води во трката за 23-годишниот играч за врска. Јунајтед, пак, не сака да влегува во наддавање и долги преговори, што му дава предност на тимот од „Етихад“.
Во Манчестер сити се уверени дека го обезбедиле потписот на англискиот репрезентативец.
Главна пречка за реализација на трансферот, сепак, останува големата разлика во проценката на вредноста на играчот меѓу Манчестер сити и Нотингам. Трансферната сума би можела да постави нов рекорд за британски фудбалер, надминувајќи 105 милиони фунти, колку што Арсенал му плати на Вест хем за Деклан Рајс. Се очекува и настапот на Андерсон на Светското првенство да има влијание врз преговарачките позиции на клубовите.
Во минатата сезона Елиот Андерсон одигра 38 натпревари во Премиер лигата и постигна четири гола.

