Манчини го одржа зборот: Квалјарела во дресот на „аѕурите“

Селекторот на Италија, Роберто Манчини, го повика Фабиот Квалјарела за претстојните квалификациски натпревари против Финска и Лихтенштајн за ЕП 2020. Италијанскиот стратег го одржа зборот и му даде шанса на 36-годишниот голгетер по долго време повторно да го облече дресот на „аѕурите“.

Повикот е сосема заслужен, Квалјарела оваа сезона игра како прероден и покажува дека годините се само бројка. Наполитанецот е неприкосновен во Серија А, на 27 лигашки натпревари постигна 21 погодок и е на врвот на листата на стрелци пред Кристијано Роналдо, кој засега има 19 гола на своето конто.

„Како да не го повикам, па Квалјарела не престанува да ги тресе мрежите во Серија А. Точно е дека веќе е во ветеранските години, но сметам дека може многу да ни помогне во претстојниот циклус бидејќи е во фантастична форма“, истакна Манчини.

Kвалјарела последен пат беше повикан во 2015 година, но за квалификациските мечеви за ЕП 2016 не доби шанса да заигра, додека последниот настап за „аѕурите“ го запиша 2010 година.

Италија на 23 март во Удине на „Дачија арена“ ќе ја пречека селекцијата на Финска на стартот од евроквалификациите, додека три дена подоцна во Парма ќе ја нагости репрезентацијата на Лихтенштајн.

- Оглас -

Најнови вести