Марадона може да добие свој стадион

Светот е во шок и тага по веста за смртта на Диего Армандо Марадона, фудбалскиот великан кој нè напушти на 60-годишна возраст.На аргентинскиот Бог на фудбалот само пред две недели му беше направена операција на главата, па иако реахабилитацијата му се одвиваше во најдобар ред, Марадона денес потклена на срцев удар.

Тажната вест ги натера светските фудбалски работници за последен пат да се поздрават со великанот, а убава иницијатива покрена градоначалникот на Неапол.

Луиџи де Магистрис преку „Твитер“ се огласи и побара стадионот на Наполи „Сан Паоло“, да се преименува во „Диего Армандо Марадона“.

Марадона е легенда на клубот чијшто дрес сега носи македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, па нема да биде изненадување ако нашиот бисер трча на стадион кој веројатно во блиска иднина ќе се нарекува „Диего Армандо Марадона“. Марадона беше прва ѕвезда на Наполи од 1984 до 1991 година, во два наврати беше првак на Италија, а освои по еден трофеј во тогашниот УЕФА куп, како и италијанските Куп и Суперкуп.

Во меѓувреме во Аргентина е прогласена тридневна жалост, потврди претседателот на оваа земја, Алберто Фернандес.

„Ја одведе нашата земја и нација до врвот на светот, со својата игра нè правеше бескрајно среќни“, истакна претседателот Фернандес.

„Божјата рака“ вечно ќе живее во спомените на секој жител на земјата на Гаучосите, кој од Аргентина направи светски првак во 1986 година.

- Оглас -

Најнови вести