Селекторот на Португалија, Роберто Мартинес, одржа исклучително емотивно обраќање при објавувањето на составот за Светското првенство 2026, потсетувајќи на трагично загинатиот Диого Жота.
Поранешниот напаѓач на Ливерпул минатата година го загуби животот во сообраќајна несреќа во Шпанија, заедно со својот брат Андре Силва. Неговата смрт остави огромна празнина во португалскиот национален тим, каде што Жота беше еден од најважните играчи и омилена фигура меѓу соиграчите.
Мартинес откри дека една од најголемите желби на Жота била да настапи на Мундијалот 2026, откако повреда во последен момент му го одзеде настапот на Светското првенство во Катар во 2022 година.
„Тој е нашата сила и нашата радост. Сите во животот минуваме низ тешки моменти, но загубата на Диого беше нешто што никогаш нема да го заборавиме. Следниот ден сфативме дека имаме обврска – да продолжиме да се бориме за неговиот сон“, изјави Мартинес.
Селекторот потенцираше дека духот на Жота и понатаму живее во репрезентацијата.
„Сакаме секогаш да го следиме неговиот пример. Неговата енергија, неговата сила и карактерот што го имаше се наша инспирација и двигател. Тоа никогаш нема да се промени“, додаде шпанскиот стратег.
Во чест на трагично починатиот напаѓач, Фудбалската федерација на Португалија симболично го вклучи името на Жота во списокот на репрезентативци за Мундијалот 2026.
Само неколку дена претходно и Ливерпул му оддаде почит на својот поранешен фудбалер, претставувајќи ја новата скулптура што ќе биде поставена пред стадионот „Енфилд“ во спомен на Диого Жота и неговиот брат.

