Проблем во најава: Челзи ќе го тужи Сити ако го ангажира Мареска?!

Манчестер сити сака да го ангажира Енцо Мареска како наследник на Пеп Гвардиола, но тој потег би можел да предизвика сериозен конфликт со Челзи.

Според англиските медиуми, клубот од „Стемфорд бриџ“ се подготвува за можна правна битка поради околностите под кои Мареска на почетокот од годината го напуштил клубот.

Како што пишува „Телеграф“, во Челзи сметаат дека заминувањето на Мареска било спорно. Иако деталите никогаш јавно не беа објавени, весникот наведува дека никогаш не била демантирана информацијата дека италијанскиот тренер им признал на сопствениците на Челзи дека е во контакт со Манчестер сити.

Доколку Сити официјално го потврди назначувањето на Мареска, Челзи би можел да побара отштета. Тоа би вклучувало и поднесување официјална жалба до Премиер лига, која потоа би морала да спроведе истрага според своите правила.

Мареска го напушти Челзи на втори јануари, во момент кога тимот беше во резултатска криза, само со една победа во последните седум првенствени натпревари. Пред тоа клубот беше втор на табелата, а во Челзи и денес веруваат дека целата ситуација со неговото заминување негативно влијаела врз текот на сезоната.

Италијанецот веќе работеше во Манчестер сити, прво како тренер на У-23 тимот, а потоа и како помошник на Гвардиола во сезоната 2022/23. Токму затоа во Сити го гледаат како логичен избор за продолжување на проектот по заминувањето на шпанскиот стратег.

Иако заминувањето на Гвардиола сè уште не е официјално потврдено, „Телеграф“ пишува дека Мареска е главен кандидат за клупата. Ако тоа навистина се случи, Челзи би можел да покрене правна постапка, што дополнително би ја заострило ситуацијата во Премиер лигата во текот на летото.

- Оглас -

Најнови вести