Вистински хаос се случи во Чемпионшип непосредно пред финалниот плејоф за пласман во Премиер лигатa откако Саутхемптон беше исфрлен од натпреварувањето пред решавачкиот меч на „Вембли“ против Хал сити.
Причината за драстичната казна е обвинението дека Светците шпионирале тренинзи на други екипи, нешто што според надлежните органи, влијаело врз нивните резултати во плејофот.
Саутхемптон претходно успеа да го елиминира Мидлсборо во полуфиналето со победа од 2-1 по продолженија, покажувајќи карактер и покрај огромниот притисок околу тимот.
Сепак, тоа не беше доволно за да го задржи местото во финалето. Англиските власти донесоа одлука Саутхемптон да биде дисквалификуван, а неговото место во финалниот дуел да му припадне токму на Мидлсборо, кој претходно беше елиминиран.
Покрај исфрлањето од плејофот, Саутхемптон ќе ја започне следната сезона во Чемпионшип со одземени четири бода, што претставува дополнителен тежок удар за клубот.
Така финалето за место во Премиер лигата ќе го играат Мидсборо и Хал сити, а победникот ќе стане трет патник во елитното англиско друштво следната сезона.

