„Машинеријата“ Надал нема да биде сопрена од тенисерот кој се восхитува на Шпанецот

Рафаел Надал е на еден меч од зголемување на неколку рекорди кои се во негова сопственот. Легендарниот шпански тенисер денеска ќе игра во финалеto неговиот омилен Гренд слем турнир, Ролан Гарос, а противник ќе му биде Каспер Руд. Норвешкиот тенисер прв пат ќе биде дел од едно финале на Гренд слем турнир, додека Надал ја брка 22-та круна на најпрестижните турнири.

Шпанецот е Кралот на Ролан Гарос и досега има неверојатни 13 титули. Ниту еден друг тенисер во историјата немал ваква доминација на еден Гренд слем. Надал и Руд досега никогаш немаат играно, а 23-годишниот Норвежанец не крие дека токму Рафа е неговиот идол.

„Надал секогаш бил мојот тениски идол“, призна Руд, кој пред само четири години беше дел и од академијата на Надал и тренираше во Мајорка. Како тинејџер, Руд бил на Ролан Гарос и како гледач токму на финале на кое Надал го освојува тронот. Сега тој е ривал на Шпанецот во обид да го спречи да постави нови неверојатни рекорди.

Надал има 36 години и е дури 13 години постар од денешниот ривал, но Шпанецот многу пати досега покажал дека годините не му се пречка да одигра драматични мечеви кои траат и повеќе од пет часа, па останува да се види дали Руд ќе успее да го оствари детскиот сон и тоа токму на меч против неговиот идол.

- Оглас -

Најнови вести