Раководството на Манчестер сити доби интересна препорака од легендата на германскиот фудбал, Лотар Матеус, да се насочи кон голманот на Барселона, Марк-Андре тер Штеген, кој би можело да биде достапен за трансфер летово.
Во својата редовна колумна за „Скај спорт Германија“, Матеус истакна дека германскиот репрезентативец би бил идеално решение за Граѓаните.
„Не знам точно какви се плановите на Манчестер сити, но мислам дека не се целосно задоволни од Едерсон. Тер Штеген би можело да биде одличен избор за нив во наредните три до четири сезони“, напиша Матеус.
Тер Штеген го пропушти поголемиот дел од минатата сезона поради сериозна повреда на коленото, а неговата иднина на „Камп ноу“ е неизвесна откако клубот го ангажира Жоан Гарсија од Еспањол.
Дополнително, Барса привремено го врати и Војќех Шченсни од пензија по повредата на Германецот.
„Ако Барселона планира да му даде доверба на друг голман, тоа е ризичен потег за Тер Штеген. Во одреден момент, Јулијан Нагелсман нема да може да го оправда неговото место во репрезентацијата ако седи на клупа. Со оглед на тоа што Шченсни веројатно ќе го продолжи договорот, очекувам Тер Штеген да го напушти клубот“, додаде Матеус.